Почитувани матуранти од СОСУ Илинден,
на вашиот последен наставен ден во нашето училиште (иако преку учење од далечина), би сакал да ве пофалам за вашиот труд во изминатите четири години и од мое и од името на сите вработени во училиштето да ви честитам за успешното завршување на средното образование од електротехничка струка.
Оваа година, за жал, поради пандемијата со ковид 19 не успеавме да се собереме за заеднички да го одбележиме вашиот успех и да ја прославиме вашата матурска вечер со традиционалната матурска забава во предвидениот термин, но поради тоа не треба да се жалиме или да гледаме назад, туку погледот да го впериме кон сегашноста и иднината, бидејќи тука можеме да влијаеме, да делуваме и да бидеме креативни.
Факт е дека светот па и нашето секојдневие се промени, па моравме и ние како училиште и вие како ученици да го промениме начинот на меѓусебната интеракција, да го промениме начинот на учењето и поучувањето. Сметам дека добро се снајдовме сите и дека брзо одговоривме на предизвикот, пред се поради тоа што одбравте техничко образование кое се надевам дека добро ве подготви за новата сегашност и иднината, но и поради вашата и подготвеноста на вашите професори да бидете дел од промените. (Тука би сакал да искажам голема благодарност и до вашите професори кои на секој начин се трудеа несебично да ви ги пренесат нивните знаењата, на стручната и административна служба која секогаш беше тука за сите вас, на техничкиот персонал кој се грижеше за вашето здравје, а секако и на Општина Илинден која создаде извонредни услови за престој, за учење и работа).
А, всушност, модерниот свет и претходно се движеше забрзано и со крупни чекори иташе кон дигитализација, па секако ќе беше потребна наша и ваша промена доколку сакаме да го одржиме чекорот со напредните држави и да бидеме конкурентни за да успееме.
Мојот совет до сите вас е да не ги избегнувате промените, туку да ги прифатите како нешто нормално и вообичаено. Менувајте се и вие! Бидете желни за нови знаења, не чекајте некој да ви даде знаење, туку секојдневно учете и истражувајте самостојно и надополнувајте ги вашите знаења и вештини. Работете на проекти. Бидете тие кои се двигатели на иницијативи и предизвикувајте промени во општеството, бидете самоуверени, креативни и флексибилни, но и трпеливи и истрајни. Ќе имате и грешки, како и погрешни одлуки, веројатно и разочарувања ( таков е животот), но ве охрабрувам да правите грешки, бидејќи и најголемата грешка е подобра од летаргијата, лежењето, чекањето и неправењето ништо. Преку грешките ќе учите и ќе созревата. И секако инвестирајте во себе и во новите информациско комуникациски технологии без кои е незамислива новата реалност и иднината. Само така ќе успеете. Сѐ зависи од вас самите!
И на крај, тукушто го изодевте овој пат и го завршивте средното образование, стоите пред нов крстопат со многу патишта, со многу патокази. Не плашете се! Размислете добро што сакате, каде се гледате себеси како реализирани личности после неколку години и тргнете самоуверено, притоа земајќи ги во предвид и вашите индивидуални можности и способности.
Што и да одберете, каде и да тргнете, ви посакувам добро здравје и многу успех.
П.С. ОСТАНЕТЕ ЗДРАВИ !!!
Со почит,
Зоран А.- директор на СОСУ „Илинден“-Илинден
Comments are closed.