Учениците од средното училиште за уметност, дизајн, графика и облека Забок од Хрватска изминатата недела го посетија средното општинско стручно училиште „Илинден“ од општина Илинден, а воедно и нашиот главниот град. Посетата се реализираше како дел од проектот „Афирмативно користење на слободното време на младите од различни културни средини“ во кој двете средни училишта работеа како партнери. Целта на овој проект е развивање на иновативни пристапи на подучување како и запознавање со европските вредности, размена на националните и културните вредности на Република Македонија и Република Хрватска.
Во рамките на овој проект беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу директорот на СОСУ „Илинден“ Зоранче Арсовски и директорката на средното училиште од Забок Божица Шариќ, со кој се предвидува меѓусебна соработка на учениците и професорите од двете училишта, запознавање на културата и субкултурата на младите од различни средини, како и навиките при искористување на слободното време на младите како своевидна превенција на насилничко однесување.
Како дел од проектот „Афирмативно користење на слободното време на младите од различни културни средини“ учениците и наставниците од двете училишта посетија дел од културно-историските споменици во нашиот главен град Скопје, го посетија и бисерот на Републиката, Балканскиот Ерусалим, градот Охрид и Охридското езеро посетувајќи дел од богатиот избор на цркви, а притоа нашите гости од учениците од СОСУ „Илинден“, вработените и професорот по Историја Бојан Чесмаџиски беа информирани и за религијата и народот кој живее во нашата држава . Секако на крајот ја разгледаа и нашата преубава Општина Илинден. Освен прошетките, учениците од двете училишта имаа посебна задача да снимаат видео материјал и истиот да го монтираат во кратко видео на тема „Познавање на Република Македонија и Хрватска и како младите го поминуваат своето слободно време“. На темата како младите во општина Илинден го поминуваат совоето време снимија и интервју со градоначалникот на Општина Илинден.
Учениците од Хрватска пак на своите македонски пријатели им ја доловија убавината на нивниот град Забок и околните места преку кратки видео презентации. Градоначалникот на општината Илинден, директорот на Средното општинско стручно училиште Зоранче Арсовски и директорката на средното училиште за уметност, графика и дизајн на облека Забок од Хрватска – Божица Шариќ, како знак на сегашната и идна соработка помеѓу двете училишта и зближување на учениците од двете земји засадија две дрвца од типот „ Platanus orientalis“ во училишниот двор на средното училиште „Илинден“.
Како дел од ова меѓународно зближување на двете средни училишта за време на посетата се оствари и средба со претставници од Заедницата на Хрватите во Република Македонија.
Проектот „Афирмативно користење на слободното време на младите од различни културни средини“ низ работилниците и прошетките формално и неформално зближи млади личности од двете држави и постави темели за надоградување и проширување на идната соработка помеѓу овие две училишта.
Comments are closed.