Учениците од Конструкторската секција изработија Лабораториски извори на напон

Учениците кои се членови на Конструкторската секција во текот на второто полугодие изработуваа Двоен извор на еднонасочен напон кој потоа ќе им користи за тестирање на други електронски склопови. Учениците Тео Цацаноски, Дарко Раневски, Матеј Додевски, Игор Механџиски, Матеј Лазаревски и Иван Трајановски, сите од втора година, под менторство на професорите Слободан Таневски и Васко Цветковски, како основа за својот проект избраа стабилизиран извор со ИК LM317 на кој му додадоа соодветен двоен насочувач и дигитален волтметар за индикација на нагодениот напон. При работата имаа можност да ги согледаат и совладаат сите фази од изработка на еден комплетен електронски уред, почнувајќи од изработка на плочка со печатено коло, лемење на компонентите и тестирање на склопот, потоа избор на соодветна кутија, планирање на распоредот на елементите во неа, дизајнирање на предна и задна маска, сè до финално склопување на уредот, пуштање во работа и тестирање. Преку работата на овој проект учениците стекнаа дагоцени знаења и вештини кои ќе им бидат од полза за следните проекти, а секако и во нивното натамошно образование и професија. Материјалите за изработка на уредите во целост беа обезбедени од страна на училиштето. Честитки за учениците и за нивните ментори!

Објавено на 22.06.2023 во Општо

Сподели го текстот

Back to Top