На ден 18.12.2021 год. (сабота) во организација на Средното општинско стручно училиште „ИЛИНДЕН“ – Илинден заедно со Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, во просториите на СОСУ Илинден во Општина Илинден, се одржа Multiplier Event „BEST PRACTICE IN TEACHING ML & DS IN VET“ во рамките на проектот „Advancing Machine Learning in Vocational Education – VALENCE“. Настанот го отвори директорот на училиштето Зоранче Арсовски, кој се заблагодари на координаторот на проектот за СОСУ Илинден, проф. Игор Атанасов и ги охрабри да продолжат да работат и понатаму на проекти, бидејќи со работа на проекти се соработува со луѓе од различни институции, различни места или региони и истите имаат можност заеднички да истражуваат и да создаваат. На тој начин секоја индивидуа лично се надоградува и созрева, но се допринесува и за развојот на колективот во којшто работи, а воедно и се предизвикуваат промени во заедницата односно општеството.
Потоа следуваше презентација на училиштето од страна на проф. Слободан Таневски во која учесниците беа запознаени со ресурсите со кои располага училиштето, профилот на учениците кои учат во него и постигнувањата на учениците.
На настанот се изврши и презентирање на резултатите од истражувачките активности во рамките на проектот како и тековните активности при изработката на едукативниот софтвер VALENCE користејќи ја Orange платформата. Во сржта на проектот е креирање на целосно бесплатна образовна платформа за машинско учење за потребите на сите средношколци за што подобро да ги разберат и совладаат техниките на машинско учење, како во иднина би биле и поконкурентни на пазарот на трудот.
На овој настан учество со свои излагања имаа и професорите при Факултетот за електротехника и информациски технологии Бранислав Геразов, Живко Коколански, Марија Марковска Димитровска, Горјан Наџински и Стефан Златинов.
На настанот се разви дискусија околу состојбата со машинското учење во Македонија, како и од неговата потреба во индустријата и можностите кои ги нуди. Исто така се разговараше и за имплементирање на машинско учење во наставните планови и програми во средното стручно образование.
Партнери во овој проект од програмата ERASMUS + се:
Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје, како носител на проектот, Средното општинско стручно училиште ИЛИНДЕН од Општина Илинден, Научниот институт Јожеф Стефан од Словенија, Школскиот центар КРАЊ од Словенија и Електротехниката школа Михајло Пупин од Нови Сад, Србија.
Comments are closed.