Од оваа година, во рамки на десетиот натпревар Robomac 2019, прв пат се организираше и категорија ROBOMAC Junior. Во оваа категорија учествуваа 36 селектирани ученици од четврта година од средните училишта во Република Македонија меѓу кои беше и нашето училиште со ученикот Благоја Велковски од IV-1. Целта беше да се зголеми интересот за роботиката и за вештачката интелигенција меѓу средношколците во нашата земја, пришто учесниците споделуваа знаења со наставниците и асистентите на Факултетот и со своите врсници – натпреварувачи. Исто така, имаа можност и за работа во тимови и работа со вистински роботи.
Robomac се одржува во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), при Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Оваа категорија траеше од 20 до 22 март (среда до петок). Учесниците се натпреваруваа во програмирање и управување на едукативни роботи eduRobot на компанијата Atronika, со цел роботите самостојно и најбрзо да изминат зададена патека со препреки.
Притоа, тие работеа во неколку фази: запознавање со роботите и софтверот потребен за нивно програмирање; склопување на роботите и програмирање на роботите, со што тие ќе се подготват за натпревар на финалната патека и финален натпревар меѓу различните групи.
Сите учесници добија благодарници за учество.
Comments are closed.